1.8 C
Skopje
петок, 9 јануари 2026

Македонија го отвори „Жолтиот куп“ со победа над Бахреин (32-28)

Ракометната репрезентација на Македонија го започна турнирот „Жолт куп“ во Швајцарија со победа над Бахреин, славејќи со 32-28. Нашите ракометари направија пресврт во последните 15 минути, кога покажаа сила и ја скршија одбраната на противникот, а капитенот Филип Кузмановски со девет гола беше најзаслужен за триумфот.

Првата бековска линија ја сочинуваа Кузмановски, Митев и Велковски, додека младиот Ристевски повторно беше главен на линијата од шест метри. Крилните позиции ги покриваа Ненад Костески и Џонов, а на голот се истакна Митревски кој уште во втората минута забележа прва интервенција.


Првиот гол за Македонија го постигна Митев по одлична асистенција на Кузмановски.

Првото полувреме беше израмнето, нашите ракометари имаа предност од два до три гола, но Бахреин успеа да го искористи финалниот момент и да намали на 15-13. Посебен момент беше асистенцијата без гледање на младиот Марко Митев, кој го проигра Михаил Аларов за гол од линијата на шест метри.

Во второто полувреме Бахреин поведе со 19-20 по 40 минути игра, но Македонија брзо се врати во игра. Томовски фати „жива“, а Кузмановски од пенал го врати водството (21-20). Потоа следеше мини-серија на нашиот тим, кој ја зголеми предноста на три гола (25-22) и сигурно ја однесе победата до крајот на натпреварот.

Покрај Кузмановски, одлични беа и Велковски, Џонов и Ненад Костески со по пет гола.

Во првиот натпревар од турнирот, Швајцарија убедливо ја победи Украина со 38-27. Следен противник на Македонија ќе биде Украина, а потоа ќе се сретнеме со домаќинот Швајцарија.

- Оглас -

Најнови вести