Македонската ракометна репрезентација го победи Израел во првиот од двата предвидени тест-натпревари, вечерва со 31:28.
Ова е трета победа по ред за избраниците на Кирил Лазаров на подготвителните натпревари непосредно пред патувањето за Дебрецин, каде што ќе играме во група со Словенија, Црна Гора и Данска во првата фаза од Европското првенство.
По првото полувреме имавме негатива од 14:15, но потоа следуваше пресврт, нешто слично како и на вториот дуел со Кувајт, кога победивме со 22:21 по минусот од еден гол по првите 30 минути.
Во продолжението и вечерва против Израелците, Македонија одигра многу подобро и успеа да ја забележи и третата победа по ред на подготовките за големиот настан, Европското првенство што нè очекува од 13 до 30 јануари.
Во второто полувреме нашите ракометари одиграа одлично и имаа и предност од 4 гола разлика, 30:26 во финишот на мечот, што го добија со 31:28.
Утре повторно ќе играме со Израел од 18 часот и потоа следува патувањето за Дебрецин, каде што на 13 јануари нè очекува првиот меч на ЕП против Словенија.
Со Црна Гора ќе играме на 15 јануари, а фазата по групи Македонија ќе ја заврши со меч против еден од главните фаворити за европската круна, Данска.