Фудбалскиот клуб Македонија Ѓорче Петров ги шокираше навивачите на ЦСКА Софија, со известувањето дека им следуваат само 60 билети за гостувањето во Скопје на 21 јули во мечот од квалификациите во Конференциската лига.
На Бугарите прво им пречеше што мечот ќе се игра во 17.30 часот, кога температурите се мошне високи, им пречат протестите во Скопје и се спомнува дури и барање до УЕФА да се премести средбата и да се игра во друг град, а сега се жалат на малиот број билети.
Но, Лавовите од Ѓорче само ги почитуваа правилата на УЕФА кои велат дека гостите добиваат 5 проценти од капацитетот на стадионот. Трибините на тренинг центарот на ФФМ, „Петар Милошевски“, имаат 1.152 места за седење, а 5 отсто од тоа е 60.
Се најавува присуство и на бугарски полицајци, како испомош за македонските, за спречување на можни инциденти.
Продажбата на билети почнува денеска, а цената е 300 денари.