Македонија Ѓорче Петров со 3:1 славеше над Работнички во дуел на два тима кои се борат за опстанок во Прва фудбалска лига на Македонија. Со овој триумф, по 21. кола, Македонија ЃП стигна до 23 бодови и се искачи на 10 место на табелата, додека Работнички остана претпоследен со само 13 бодови.
Од опасната зона на табелата избега Тиквеш кој на доминантен начин со 5:0 го победи Арсими на гостински терен. Кавадарчани сега се на шестото место на табелата со 27 бодови, додека Арсими остана на 26 бодови и падна на осмото место.
На стадионот во Ѓорче Петров, Работнички беше екипата која прва постигна гол. По еден корнер Талаков од неколку метри силно шутираше, а Јанков беше немоќен да реагира како што посакува, па гостите поведоа со 1:0.

Кратко траеше радоста на гостите, затоа што Али Адем израмни на 1:1 во 38 минута по асистенција на Гереро. До крајот на првото полувреме, Македонија ЃП направи целосен пресврт и со голот во 45+2 минута домаќините поведоа со 2:1 со голот на Стојчевски.
Сите дилеми околу победникот беа решени во 57 минута кога Македонија ЃП постигна трет гол преку Николиќ и тоа беше доволно за шеста победа сезонава.
Арсими на свој терен убедливо со 5:0 загуби од Тиквеш. Гостите од Кавадарци уште во првите 10 минути постигнаа два гола и стигнаа до сигурна предност. До крајот на првото полувреме беше 3:0 за гостите, а во второто полувреме имаше уште два погодоци во мрежата на домашниот тим.

