Фудбалските второлигаши попладнево ќе го одиграат редовното 11-то првенствено коло, кое носи големо дерби во Ѓорче Петров. Минатогодишните прволигаши, Македонија ЃП и Брегалница во моментов се водечки на табелата, со тоа што штипјани имаат бод предност, па дуелот во Скопје може да открие која од овие две екипи ќе биде во пол-позиција за враќање во елитата.
Брегалница нема пораз во досегашниот тек од првенството, а пораз на зелениот терен нема ниту Македонија ЃП, но „лавовите“ го загубија службено дуелот против Новаци, па тоа им е единствената нула.
Натпреварот во Ѓорче Петров предизвикува голем интерес, а овој натпревар со сигурност ќе биде следен и во Куманово, бидејќи третопласираниот Башкими ќе чека реми, па со евентуална победа над Осогово на домашен терен да се искачи на врвот од табелата.
Дуел кој ќе одлучува за врвот се игра и во Гостивар, каде Арсими го пречекува составот на Детонит Плачковица, додека во Струмица се игра дербито на југоистокот помеѓу Беласица и Кожуф. Во најдобра форма се фудбалерите на Охрид кои имаат шест победи на последните шест натпревари, а денес крај езерото гостува Скопје, на кого не му цветаат рози оваа сезона.
На останатите натпревари, Вардар Неготино гостува во Велес, кај Борец, прилепска Победа го пречекува Вардарски од Богданци, додека Новаци гостува во Македонска Каменица.