Денеска се играат натпреварите од осминафиналето во Купот на Македонија, стартот на осумте меча е закажан за 14 часот, а во фокусот ќе биде мечот кој ќе се игра во Скопје.
Најтрофејниот фудбалски колектив во Македонија, Вардар, го пречекува бранителот на трофејот, Македонија ЃП. Црвено-црните дуелот со Лавовите го обезбедија со елиминацијата на Беса (1:1, 4:3 на пенали).
Интересно е што Вардар, кој е последен на табелата во Првата фудбалска лига, една од двете победи досега ги оствари токму над Македонија ЃП, кој од пред два дена има нов тренер.
Тони Џангаровски дојде на местото на Горан Симов, кој доби отказ по поразот на Лавовите од Струга со 0:3 во неделата.
Квотите во Sport Life не фаворизираат ниту еден тим, коефициентот за победа на Вардар изнесува 2.65, додека тој за триумф на Лавовите е 2.40.
Интересно се очекува да биде и на „езерското дерби“ меѓу Воска и Струга ТЛ. Дуелот во Првата лига заврши со триумф на Струга и денеска Воска има шанса да се обиде да се реваншира за поразот од пред еден месец.
Во осминафиналето на Купот на Македонија има уште две прволигашки пресметки. Брера Струмица е фаворит против Гостивар, а во вториот дуел ќе играат Работнички и Шкендија, а квотите во Sport Life ги фаворизираат тетовските Црвено-црни.