Првата фудбалска лига на Македонија продолжува со активностите по репрезентативната пауза. Од 13 часот ќе се одигра само еден меч, со што ќе биде означен старт на 14-тото првенствено коло.
Во дуелот на поранешните шампиони, Македонија ЃП го пречекува Силекс, но нејасно е со каков состав. Лавовите последниот првенствен меч го одиграа со комплетната младинска екипа и загубија со 7-2 од Шкендија во Тетово, па дуелот против Силекс може само уште повеќе да ја продлабочи кризата.
Сепак, според игрите оваа сезона, Силекс во секој случај е фаворит, без оглед со каков состав ќе настапи Македонија ЃП.
Денес на програмата се и натпреварите од 13-тото второлигашко коло, а најголемо внимание привлекува дерби-дуелот во скопската населба Ченто, каде што се среќаваат Шкендија Арачиново и штипската Брегалница.
Останатите двојки се следниве: Беласица – Новаци, Детонит – Преспа, Скопје – Тетекс, Осогово – Вардар Неготино, Победа – Кожуф и Слога Виница – Саса. Сите натпревари се играат со почеток во 13 часот.
Дуелот помеѓу Големо Коњари и Охрид е одложен и ќе се одигра на трети декември.

