7.8 C
Skopje
петок, 3 октомври 2025

Македонија ЃП убедливо го совлада Арсими во Ѓорче Петров

Македонија ЃП оствари убедлив триумф од 4-1 против Арсими во воведниот натпревар од деветтото коло во Првата фудбалска лига. Лавовите од Ѓорче Петров по овој триумф се искачија на шестата позиција на табелата со 12 освоени бодови.

Македонија ЃП делуваше динамично и офанзивно. Арсими се бранеше, но во 13-тата минута капитулираа кога Клинтон Осеи со одлична асистенција го најде Ѓорѓи Стоилов, кој со прецизен удар го донесе водството за домашниот тим.

Арсими првпат се закани сериозно во 33-тата минута преку ударот на Игњатов, но топката помина крај десниот дирек на голманот Јанков.

На почетокот на вториот дел домаќините ја зголемија предноста. По само осум минути игра, одбраната на Арсими не успеа да расчисти нафрлена топка, која стигна до Мартин Талаков, кој без проблеми ја затресе мрежата и донесе 2-0.

Арсими намали на 2-1 преку Шефит Шефити во 63-тата минута, но само две минути подоцна Џемиљ Јахији заработи втор жолт картон, оставајќи го тимот со играч помалку.

Колумбиецот Гереро имаше добра шанса за погодок, а потоа следеше непрецизен удар на Софијаноски. Домаќините го контролираа темпото и го чуваа водството. Во моменти кога гостите беа во налет, следеше голема грешка на голманот Силјановски, а Гереро ја затресе празната мрежа за 3-1.

Конечниот резултат го постави Кире Маркоски во 89-тата минута со уште еден убав погодок.

- Оглас -

Најнови вести