Женската ракометна репрезентација на Македонија и после 16 години останува без победа на Европските првенства, откако одигра нерешено, 25-25, против Турција. Навистина штета, бидејќи Македонија имаше +2 во финишот, 22-20, но и негатива од 24-25 во последната минута, па откако израмнивме, турчинките го имаа нападот за победа.
Нашите ракометарки одиграа лошо прво полувреме, па освен почетното водство од 1-0, Турција доминираше, диктираше темпо и постојано го имаше водството, на моменти и со дури +5. Слично започна и второ, но се до 15-20 за Турција, кога Македонија со серија од 7-0 за 10 минути успеа да направи комплетен пресврт и да дојде во водство, што на крајот се покажа дека не е доволно за победа.
Сара Ристовска со осум гола од десет обиди беше убедливо најдобрата ракометарка во нашите редови, но и воопшто на натпреварот.
Македонија последен пат победи на Европското првенство на 11-ти декември, кога на шампионатот во Скопје ја совладавме Белорусија со 29-24 и тогаш го остваривме и најдобриот пласман во историјата завршувајќи на седмото место.