Македонија има 99 отсто шанси да игра бараж за пласман на СП 2026

Македонската фудбалска репрезентација со победа и реми стартуваше по првите две кола во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година. Лесно со 3:0 го победивме Лихтенштајн на гости, а потоа во Скопје на Арената „Тодор Проески“ одигравме 1:1 против Велс. Македонија водеше со 1:0, кога Велс даде гол за реми во 90+6 минута.

Големо беше разочарувањето бидејќи 10-тина секунди нѐ делеа од победа над Велс и максимални шест бода. Иако Македонија нема шест бода, шансите да игра бараж за пласман на Светско првенство се огромни.

Според пресметките на „Фудбал митс дата“, Македонија има 99 отсто шанси да игра бараж за пласаман на Мундијалот кој ќе се игра следната година.

За Македонија да игра во баражот, и тоа благодарение на добриот настап во Лигата на нациите, потребно е седум од следните 10 репрезентации да бидат прво или второ место во квалификациската група за СП 2026. Тоа се селекциите на Шпанија, Англија, Германија, Италија, Португалија, Шведска, Романија, Турција, Австрија и Чешка.
Интересно е дека веќе има и симулација за можните ривали на Македонија во полуфиналето од баражот.
Украина, Турција и Италија се трите најверојатни репрезентации кои би ѝ биле ривали на Македонија во евентуалното полуфинале во баражот.
Ова се многу калкулации, има уште многу да се игра во квалификациите за СП 2026, но јасно е дека многу веројатно е Македонија повторно ќе биде дел од баражот за пласман на планетарниот собир кој ќе биде следната година во САД, Канада и Мексико.

 

- Оглас -

Најнови вести