Квалификациите за пласман на Светското првенство кое следната година ќе се игра во САД, Канада и Мексико е главниот спортски фокус во претходната, но и неделава што започна. Македонија уште го живее сонот за пласман на првиот мундијалски собир, нешто за кое мечтаеме повеќе од 30 години.
Нашите најдобри фудбалери се во Кардиф, каде што утревечер ќе играат против Велс во последниот меч од квалификациите. Важен ќе биде мечот на „Милениум стадион“. Со реми, Македонија ќе биде втора и ќе дојде во ситуација да добие условно полесен ривал во првиот бараж на патот до СП 2026. Ако остане непоразена, Македонија прв пат ќе заврши еден квалификациски циклус без ниту еден пораз.
Како „загревање“ за мечот во Велс, Македонија одигра контролен дуел против Летонија на арената „Тодор Проески“. Иако се работеше за дуел без резултатска важност, фактот дека Македонија има мундијалски шанси, дуелот против Летонија требаше да биде давање поддршка на нашите фудбалери пред клучното гостување во Велс.
Кога од Фудбалската федерација на Македонија видоа дека интересот за купување карти за мечот со Летонија е буквално нула, решија да ги отворат трибините и влезот да биде бесплатен. Сепак, и овој популарен потег на ФФМ не беше поттик за навивачите да дојдат на трибините на Арената.
Како за ноември, времето беше одлично, односно ниту беше многу ладно, ниту врнеше дожд или снег. Сепак, очајна беше посетата. Помалку од 5.000 гледачи имаше на трибините во живо да го гледаат мечот против Летонија и да дадат поддршка на нашите фудбалери пред клучниот меч во Велс.

Македонија одигра 0:0 против Летонија и главната мисија беше исполнета, а тоа е ниту еден играч да не се повреди, а да се пробаат некои тактички замисли. Сепак, по мечот, стандарндо на социјалните мрежи се појавија „селекторите“ со критики, објаснувања и покажување фудбалско знаење зад тастатурата. Тоа се истите оние кои мрчат дека картите се скапи за да се гледа Македонија на стадион, а сега кога беше бесплатен влезот, повторно останаа дома.
Едноставно, Македонија е докажана како земја која има два милиони „селектори“ односно фудбалски зналци, ама против Летонија, кога требаше да се создаде позитивна атмосфера пред гостувањето кај Велс, стадионот остана речиси празен. Посетеноста на дуелот против Летонија беше главниот пораз кој го доживеавме.
Кога се работи за вистинскиот селектор на Македонија, Благоја Милевски, е тој е „ни на небо, ни на земја“. Неговиот актуелен договор со ФФМ истекува веднаш по завршување на мечот со Велс.
Челниците на ФФМ засега барем јавно не презедоа никаков чекор за тоа дали Милевски заслужи да остане селектор и да го продолжи патот кон Мундијалот или можеби во мартовскиот бараж ќе имаме нов предводник на клупата.
На крајот, не е најважно кој ќе биде селектор, најважно е да се донесе вистинската одлука и Македонија да го продолжи патот до остварување на мундијалскиот сон. До март следната година има уште многу време, сега е на ред дуелот против Велс, а по завршување на средбата во Кардиф, повторно на сцена да стапат сите оние селекторски зналци со своите анализи, додека кога ќе дојде време да се наполнат трибините на стадионот, ќе најдат милион изговори зошто да останат дома, па Арената ќе остане да зјае празна кога игра Македонија.

