Македонија има два тандема „кули-близначки“

Победата над Косово за македонската кошаркарска репрезентација беше триумф број 75 во историјата и се најдовме на чекор од враќање во европската „прва лига“, каде што се 32-те најдобри селекции на Стариот Континент.

Она што радува е тимската игра и духот кој го поседува оваа селекција, без разлика во каков состав игра и кој Американец настапува како натурализиран. Иако се различни типови играчи, со Ричард Хендрикс и со Шејн Витингтон тимот како предност ги користи нивните квалитети.

Бојан Трајковски е човекот кој добро соработува со двајцата, а ако за Хендрикс знаевме дека константно игра добро и корисно за тимот, сега и Витингтон, кој настапува за Андора (еден од ретките тимови кои сезонава го победиле Реал Мадрид), почна да игра добро во жолто-црвениот дрес, па и на социјалните мрежи испрати порака дека Македонија извојувала важна победа и дека ни треба само уште една.

„Мора да престанеме да мислиме дека една добра четвртина е доволна за победа. Не знам зошто во втората четвртина престанавме да играме добро и на пауза заминавме само со три поени разлика. Mораше целото прво полувреме да го играме како првата четвртина, а потоа слободно само да го контролираме резултатот. Најважно е што годинава ја завршуваме без пораз и се надевам дека во февруари ќе победиме и во Романија и ќе докажеме каде ни е местото. Знаеме дека Македонија не заслужува да биде во овие претквалификации“, рече Трајковски, кој додаде дека треба да се мисли и на иднината и дека потребни се млади сили за да не дојде до нов пад при смената на генерациите.

Следниот меч за Македонија е на 21-ви февруари, на гости кај Романија. Таму на нашите момци им треба победа или пораз до 13 поени разлика.

Репрезентацијата на Косово нема ниту една победа како гостин. Нивниот селектор Дамир Мулаомеровиќ рече дека сите знаеле дека Македонија е посилна, но горд е на некои од помладите играчи и што дале максимум.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести