Од денеска до недела салата „Парк“ во Струмица ќе биде домаќин на последниот турнир од годинешното издание во ЦЕВ Европската златна лига. Македонија отвора вечерва против Израел, а овој дуел ќе се игра пред празни трибини.
Оваа одлука да се игра без присуство на гледачи не е затоа што македонскиот тим е казнет или суспендиран, туку затоа што ривал е Израел, а за таа селекција сега важат посебни правила.
Поради безбедносни причини кога игра Изреал, се игра пред празни трибини, па така ќе биде и вечерва во Струмица. Освен Израел, Македонија ќе игра и против Црна Гора, а таа пресметка е закажана за в недела.
По четири одиграни натпревари во Европската златна лига, Македонија има скор од една победа и три порази, но и одбојкарите и стручниот штаб потенцираат дека од натпревар во натпревар екипата расте и играат сè подобро, па така и се очекува во најдобро светло да се покажат на домашен паркет.
Интересно е дека традицијата во меѓусебните дуели против Израел е на страната на Македонија. Од шест меча, Македонија победила патпати, но сега гостите се фаворити за победа.