Македонија првпат во својата историја ќе има четворица спортисти на Зимски олимписки игри (досега најчесто имавме по тројца), а како и секогаш досега, важно ќе биде да се учествува, медали и висок пласман засега се недостижни цели.
Најдобар пласман кој го има остварено некој наш олимпиец на зимски игри беше 29-то место на скијачот Антонио Ристевски во слаломската трка на ЗОИ 2014 година во Сочи.
Но, медал од ЗОИ немаат ни земји кои се спортски велесили како на пример Србија. Нашиот северен сосед на Игрите во Милано и Кортина ќе го претставуваат само тројца спортисти.
Од екс-југословенските држави, најуспешна е Словенија со 24 медали на ЗОИ од кои четири златни. Словенците освојувале медали во пет различни спортови. Четири злата има и Хрватска благодарение на Јаница Костелиќ, додека нејзиниот брат Ивица има четири сребра.

