Сонот на Македонија дека може да се пласира на првото светско фудбалско првенство ќе продолжи во Данска, каде што на 26 март следната година ќе играме во првиот бараж-дуел за пласман на Мундијалот во 2026 година.
Денешната ждрепка сакаше Македонија за ривал да ја добие селекцијата против која започна македонската фудбалска историја во квалификации за големи натпреварувања. На 7 септември 1994 година, Македонија прв пат играше квалификациски дуел и тоа во Скопје, а ривал беше токму Данска.
Тогаш на „Градски стадион“ одигравме 1:1. Следната година, на гостувањето во Данска загубивме со 1:0. Освен тие два меча, Македонија и Данска се имаат сретнато само уште еднаш, и тоа во пријателски меч одигран во февруари 2013 година во Скопје.
Тогаш Македонија беше убедлива и победи со 3:0, што значи дека во досегашните пресметки против Данска, нашата репрезентација има по една победа, пораз и реми, но со позитивна гол-разлика од четири дадени и само два примени гола.

