Договорот на селекторот Благоја Милевски со Фудбалската федерација на Македонија да ја предводи македонската репрезентација заврши. Македонија ја исполни мисијата, а тоа е пласман во баражот за Светското првенство кое ќе се игра следната година.
Сега останува дилема и неизвесност, со кој селектор на клупата на 26 март следната година Македонија ќе излезе на теренот во баражот за пласман на Мундијалот. Од ФФМ нема никакви официјални најави дали Милевски ќе добие продолжување на договорот или ќе биде донесен негов наследник.
Ако се бара наследник за Милевски, има две опции. Тоа да биде домашен стратег кој добро ги познава приликите и условите, но и играчите, или да се најде човек од странство и тој да се обиде да создаде поконкурентна селекција.
Низ историјата, Македонија имала четири селектори кои биле од странство и никој ништо посебно не се прославил, ниту пак останал подолго време на клупата за да создаде посериозен проект.
Прв странец селектор беше Слободан Сантрач, кој остана на клупата само неколку месеци, односно од 30 март 2005 до 17 август истата година. На четири меча со Сантрач како предводник, Македонија забележа една победа, а имаше и три порази.
На 1 март 2006 година дојде Среќко Катанец. Словенецот кој постојано ја користеше легендарната реченица „то је то, не забијамо“, цели три години беше на кормилото на Македонија. Во 27 меча, Македонија со Катанец имаше 9 победи, седум нерешени и 11 порази. Тој е најдолговечниот странец селектор на Македонија досега, а си замина во април 2009 година.
Потоа следуваше еден селектор кој не е од Балканот, Џон Тошак. Велшанецот едвај неколку месеци беше предводник, од септември 2011 до мај следната година. Во осум меча со Тошак, Македонија имаше само една победа, четири ремија и три порази.
До јуни 2015 година се чекаше за нов и засега последен странец предводник на Македонија, а тоа беше Љубинко Друловиќ. Србинот неполни пет месеци беше предводник и имаше очаен скор од ниедна победа, едно реми и четири порази, па јасно беше зошто си замина во октомври истата година.
По Друловиќ, дојде Игор Ангеловски и тој на чело остана речиси шест години. Со Ангеловски, Македонија се пласира на првото историско Европско првенство. Популарниот Мрме си замина по завршување на ЕП во 2021 година.
По Ангеловски, дојде Милевски, кој повеќе од четири години е селектор. Со Милевски игравме бараж за Светско, ја победивме Италија и само еден меч фалеше да одиме на Мундијалот во Катар. Сега повторно сме во баражот, но неговиот договор заврши, па останува да видиме дали тој ќе ја добие довербата од челниците на ФФМ или Македонија ќе има нов селектор во 2026 година.

