Македонија ја чека ждрепката за Лигата на нациите, можни противници ни се интересни ривали

Фудбалската репрезентација на Македонија попладнево од 18 часот ја чека ждрепката за новата сезона во Лига Ц од Лигата на нациите. Извлекувањето ќе биде во Париз.

Македонија е во третиот шешир, заедно со Словачка, Северна Ирска и Кипар, па со нив не може да се паднеме во иста група.

Први носители во Лига Ц се: Романија, Шведска, Ерменија и Луксембург. Во вториот шешир се Азербејџан, Косово, Бугарија и Фарски Острови. Поради политички причини, Ерменците не може да бидат во иста група со Азербејџан.

Во последниот шешир се: Белорусија, Естонија, Летонија и подобриот од двобојот Литванија – Гибралтар (играат во март), што значи дека речиси сигурно ќе добиеме барем еден ривал од просторите на поранешниот Советски Сојуз.

Првото место во групата носи пласман во поквалитетната Лига Б, второто место значи играње бараж за влез во Лига Б, трета позиција значи дека остануваме во Лига Ц, а тој што ќе се најде на последната позиција или ќе испадне во најслабата Лига Д или ќе игра бараж за избегнување на такво нешто.

Мечевите од сезоната 2024/2025 почнуваат во септември годинава.

- Оглас -

Најнови вести