Македонија ја гази Норвешка во првото полувреме

Кошаркарската репрезентација на Македонија има предност дури од 16 поени (34:18) по првото полувреме во третото коло од претквалификациите за Европското првенство 2025 година.

Избраниците на селекторот Александар Јончевски одиграа одлични 20 минути во одбраната, дозволувајќи и на Норвешка да постигне само 18 поени, притоа приморувајќи го противникот на доста промашени шутеви поради агресивната игра во одбраната.

Кошаркарите подобро го започнаа натпреварот од противникот и по две минути игра, поведоа со 4:1 со поените на Крстевски и капитенот Стојановски, по што следуваше период од две минути без постигнат поен.

Постот го прекина Ѓуровски за водство од 6:3. Избраниците на Јончевски играат добро во одбраната и за пет минути игра, на Норвежаните им дозволија да постигнат само три поени.

Во првата четвртина, најголемата предност за Македонија изнесуваше седум поени (14:7, 16:9), а по 10 минути игра беше 16:11.

Во втората четвртина, кошаркарите чекаа три минути за да ги постигнат првите поени преку Андреј Магдевски од линијата за слободни фрлања, а со тројката на Ѓуровски, Македонија повторно поведе со плус седум (20:13).

Црвено-жолтите играа одлично во одбраната и за пет минути игра во втората четвртина, Норвешка постигна само два поени. Најновото засилување за македонската репрезентација, Ти-Џеј Шортс, ги постигна првите поени за водство од 22:13, со што го натера селекторот на Норвешк,а Матијас Екхоф, да мора да побара тајмаут.

Тајм-утот не вроди со плод бидејќи Македонија со поените од слободни фрлања на капитенот Стојановски за првпат дојде до двоцифрена предност (24:13), која во 17-тата минута изнесуваше плус 13 (28:15), по што Екхоф мораше повторно да реагира.
До крајот на полувремето, Норвежаните продолжија со грешки во нападот, а на одмор се замина со плус 16. Одличната игра во одбрана ги остави Норвежаните само со седум постигнати поени во втората четвртина.
Војдан Стојановски со 9 поени, Стојан Ѓуровски со 8 и Ти-Џеј Шортс со 7 постигнати поени се најдобри по првиот дел.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести