Повеќе од два месеца траеја квалификациите во европските натпреварувања за на крајот да се дознаат најдобрите екипи во трите елитни турнири на УЕФА. Во Лигата на шампионите вчера беше извршена ждрепката за групната фаза и сигурно дека ќе има многу возбудувања во ова елитно друштво.
Денеска ќе бидат познати и групите во Лигата на Европа и Конференциската лига на УЕФА, каде што исто така ќе има вкупно 32 екипи кои ќе бидат рапоредени во осум групи со по четири екипи.
По завршените квалификации, јасно е дека речиси две третини од земјите кои се дел од УЕФА ќе имаат свои преставници во групната фаза на едно од трите натпреварувања во Европа. Барем по еден претставник во групите на натпреварувањата на УЕФА ќе имаат дури 35 земји, и тоа: Англија, Шпанија, Италија, Германија, Холандија, Франција, Португалија, Белгија, Турција, Шкотска, Австрија, Швајцарија, Србија, Данска, Норвешка, Израел, Украина, Чешка, Грција, Хрватска, Полска, Шведкса, Кипар, Унгарија, Бугарија, Словачка, Азербејџан, Молдавија, Словенија, Косово, Казахстан, Финска, Фарски Острови, Исланд, Босна и Херцеговина. Од топ 31 само Романија нема претставник.
Земји како Фарски Острови, Босна и Херцеговина и Косово за првпат ќе имаат свои претставници во групната фаза, што значи дека за нив ова биле историски квалификации.
Македонија, за жал, и оваа година нема да има своја екипа во групите на УЕФА. Тоа и не е некое изненадување ако се знае дека според последното рангирање на УЕФА, Македонија е на самото дно и е во друштво со земји како Сан Марино, Гибралтар, Црна Гора, Велс и Андора. Вкупно 20 земји сезонава нема да имаат свој претставник во групните фази на УЕФА, и тоа се: Романија, Русија, која е суспендирана, Република Ирска, Ерменија, Летонија, Лихтенштајн, Северна Ирска, Луксембург, Литванија, Малта, Грузија, Албанија, Естонија, Белорусија, Македонија, Андора, Велс, Црна Гора, Гибралтар, Сан Марино.
Ждрепката за Лигата на Европа ќе биде денеска, во 13 часот, a екипите кои ќе играат ќе бидат распоредени во четири барабани.
Ждрепката во Конференциската лига на УЕФА е закажана за 14:30 часот.