Кошаркарската репрезентација на Македонија за играчи до 20 години е на чекор од пласман во А дивизијата. Младите кошаркари се пласираа во полуфиналето на Европското првенство Б дивизија, откако попладнево со 66:49 ја победија Велика Британија.
Македонија беше фаворит и пред да започне дуелот во „СРЦ Кале“ во Скопје, а младите момци тоа го потврдија и на теренот. Гостите водеа со 7:6, а потоа следеше серија од 9:0 на Македонија за предност од 15:7. За прв пат нашите надежи имаа двоцифрена предност кога стигнаа до 21:11, а највисокото водство во овој период беше пред крајот на полувремето, кога на семафорот стоеше 30:18.
Во третата четвртина, постојана контрола на резултатот имаше Македонија, а Британците најмногу што намалија беше да стигнат до минус четири поени (36:40), за да следи мини серија од 5:0 на нашите кошаркари, па по три четвртини имаа девет поени предност.
Македонија водеше со 53:42 во 33 минута, а 10 поени предност имаа и на четири минути пред крајот кога беше 59:49 и потоа рутински стигна до посакуваниот триумф.
Во полуфиналето, Македонија ќе игра со подобриот од дуелот Холандија – Украина, кој започнува од 21 часот.