Македонија ја прегази Естонија, две шанси за влез во А дивизија

Македонската кошаркарска репрезентација за играчи со 18 години продолжи со перфектна игра на Европското првенство Б дивизија во Орадеја. Во четвртфиналето против Естонија, македонските надежи го прегазија противникот, победувајќи со 92:57.

Уште во првата четвртина беше јасно дека Македонија е за неколку класи подобра од Естонија, па првите 10 минути завршија со резултат 30:6 во корист на нашиот тим. Во остатокот од средбата, Македонија рутински ја задржа предноста и стигна до убедлива победа.

Андреј Јакимовски повторно беше предводник на Македонија. Јакимовски заврши со 17 поени и 10 скока. Андреј Андоновски даде 16 поени, а во листата на стрелци кај Македонија се запишаа и: Исајлоски 11 поени, Зекири 10, Миловановиќ 10, Савичевиќ 7, Митевски 6, Ташовски 6, Златевски 5 и Даноловски со 4 поени.

За Македонија ова е шеста победа во шестиот меч на континенталниот собир, а со триумфот над Естонија, Црвено-жолтите си обезбедија место во полуфиналето, каде ќе го чекаат подобриот од дуелот меѓу Израел и Шведска.

За пласман во А дивизија, на Македонија и е потребна барем уште една победа, бидејќи место во А дивизија обезбедуваат првопласираните три селекции од овој турнир.

 

- Оглас -

Најнови вести