Јанури 2026 година повторно ќе биде во знакот на ракометот, откако Македонија буквално ја прегази Литванија со „Јане Сандански“ со 26-17 и сосема заслужено дојде до второто место во квалификациската група кое носи и пласман на Европското првенство.
Македонија дојде до 15-тото големо натпреварување по ред, односно 18-то вкупно. За Македонија настапот на континеталниот собир во Данска, Норвешка и Шведска ќе биде деветто учество на Европските првенства.
Мечот против Литванците го започнавме лошо, со оглед на тао дека гостите отворија со 0-4, а првото водство го имавме во 21-вата минута, 9-8. До крајот на првиот дел, Македонија дојде до предност од 13-11.
Во второто полувреме вистинска ерупција во „Јане Сандански“. Македонија отвори со 3-0 за 16-11, а понатаму веќе се беше полесно. Предноста постојано растеше, а на две минути пред крајот првпат дојдовме и во +10, 26-16, а до крајот на мечот, противникот успеа да постигне уште еден гол за конечни 26-17.
Филип Кузмановски и Мартин Серафимов со по пет гола беа најефикасни, а за Македонија погодуваа вкупно 11 ракометари.