14.8 C
Skopje
четврток, 9 октомври 2025

Македонија ќе биде фудбалски домаќин на две селекции на суспендираната Русија

Женските фудбалски репрезентации на Русија, и тоа А селекцијата и националниот тим за играчи до 19 години ќе гостуваат во Македонија во период од 20 до 28 октомври. Ова е потврдено на официјалниот сајт на Фудбалската федерација на Русија.

Руската фудбалска федерација е суспендирана од ФИФА и УЕФА поради војната која веќе неколку години трае меѓу Русија и Украина. Поради таа суспензија, ниту една руска фудбалска репрезентација нема право да игра официјални натпревари во квалификации за СП или ЕП, но и во Лигата на нациите, па тие формата ја темпираат и ја задржуваат со одигрување пријателски средби против селекции кои ќе сакаат да одиграат против нив.

Од Македонската фудбалска федерација засега не е потврдено дека националниот А тим на Русија и селкцијата до 19 година на Русија ќе гостуваат во Македонија. Неофицијално, натпреварот меѓу А селекциите ќе се игра во Струмица, а У19 репрезентациите ќе ги одмерат силите во Радовиш.

Ова нема да е првпат една руска фудбалска репрезентација да игра против Македонија во период кога Руската фудбалска федерација е суспендирана. Во март оваа година машката македонска репрезентација за играчи до 19 години играше контролен меч против соодветната селекција на Русија и загуби со 3:0 на неутрален терен во Анталија.

Иако суспендирана, Русија често има фудбалски активности во сите национални селекции, а Македонија е една од земјите кои прифати да игра контролни дуели против оваа земја.

- Оглас -

Најнови вести