Македонија речиси сигурно ќе и гостува на Италија на „Ренцо Барбера“ стадионот во Палермо на 24. март во бараж полуфиналето за настап на Мундијалот во Катар и ќе има два специјални адути за сензација.
Фудбалската федерација на Италија веќе е во последна инспекција на стадионот во Палермо, кој има капацитет од 37 илјади места и со огромна веројатност тој ќе биде изборот на Аѕурите за дуелот со нас во март идната година.
Алтернатива е Болоња и познатиот стадион „Ренато дал Ара“, но тоа засега е само резервна варијанта.
Ако играме во Палермо, Македонија ќе има двајца фудбалери што ќе бидат како дома, бидејќи играа за клубот од овој град кога тој беше и второлигаш и прволигаш во Серија А.
Александар Трајковски беше член на Палермо од 2015 до 2019 година и има 104 настапи со 16 постигнати голови.
Илија Несторовски му се приклучи во клубот во 2016 година и остана до 2019 година со учинок од 38 гола на 94 натпревари.
Трајковски е стандарден член на македонската репрезентација и сега под команда на селекторот Благоја Милевски, а Несторовски се уште не одиграл меч за Македонија, откако си замина Игор Ангеловски.
За тоа има објективна причина, бидејќи популарниот Нестор-гол беше повреден, сега се врати на терен и останува даа се види дали Милевски ќе го повика за баражот со Италија на 24. март.
Победа на тој меч ни носи финален бараж, а повторно би играле на гости, против Португалија, или Турција и победникот на тој дуел ќе игра на Светското првенство во Катар, идната година во ноември и декември.