Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) информира дека сите билети наменети за македонските навивачи за квалификацискиот натпревар Белгија – Македонија (10.10.) за пласман на СП 2026 се целосно распродадени.
Во изминатите три недели на располагање беа ставени речиси 1.000 билети, кои беа понудени за продажба преку официјалната платформа на ФФМ и се целосно резервирани од нашите поддржувачи.
„Им упатуваме голема благодарност на навивачите за интересот и поддршката која македонската репрезентација ќе ја има во Гент за мечот против Белгија. Поради релативно малиот капацитет на стадионот во Гент, немаме можност за дополнителна количина на билети“, истакнуваат од ФФМ.
Македонија е лидер во квалификациската група со 11 бода од пет меча (три победи и две ремија), пред Белгија, која има 10 бода од четири меча (три победи и едно реми). На третото место е Велс со 10 бода од пет меча, а потоа следуваат Казахстан со три бода од пет меча, додека Лихтенштајн е без бодови.