Селекторот на машката младинска репрезентација (играчи родени 2004 година и помлади), Радослав Стојановиќ, го објави поширокиот список на ракометари за претстојното Светско првенство во Полска.
Во рамките на ЕХФ неделата младинската селекција ќе одигра пријателски средби против младински екипи од домашното првенство. На 8 мај е предвиден натпревар против младинската екипа на Бутел, а еден ден подоцна против Вардар 1961 или Пролет.
На списокот се сите оние на коишто и досега сметаше Стојановиќ на последните акции, а има и некои нови лица од кадетската репрезентација. Меѓу 35-те ракометари има само еден интернационалец, тоа е Борјан Дамјаноски од Грац, но има играчи кои се првотимци во клубови како Еурофарм Пелистер и Алкалоид, а некои се дел и од сениорската репрезентација.
Македонските младинци се во група со Романија, Исланд и Фарски Острови, а своите натпревари ќе ги играат во „Сподек арената“ во Катовице во периодот од 18 до 21-ви јуни.