Македонската кошаркарска репрезентација вечерва ќе го одигра првиот меч од претквалификациите за пласман на Светското првенство во 2023 година. Нашите најдобри кошаркари во „Јане Сандански“ ќе играат против Швајцарија. Овој меч ќе биде и дебитантски на кормилото за новиот селектор Драган Бајиќ.
„Дојдовме до почетокот на овој претквалификациски циклус. Морам да кажам дека забележувам мала доза на нервоза кај моите кошаркари што е и нормално ако се знае дека немавме голем број натпревари во овие подготовки. Швајцарија е сериозен тим, со глава и опаш, имаа и промена на селекторската функција и промена на системот на игра. Ги краси сериозна агресивност, имаат напаѓачка формација, дисциплинирани се и знаат што прават. Ние имавме доволно време да се подготвиме за натпреварот, се надевам дека тим ќе одговори на моите барања и дека нема да недостасува енергија“, вели Бајиќ во пресрет на мечот.
Во претквалификациите Македонија во следните осум дена ќе одигра по два меча со Швајцарија и два со Словачка, а првопласираните две одат во следната фаза од квалификациите.
„Им кажав на играчите дека ни пораз, ни победа нема ништо да одлучат, ни претстојат уште три натпревари и затоа се надевам дека добро ќе одговориме по она што го работевме за време на подготовките и дека на најдобар можен начин ќе ја претставиме Македонија. Јас како тренер секогаш се подготвувам за првиот следен натпревар. Сега тоа е дуелот со Швајцарија, така што за Словачка уште не сум ни размислувал. Фокусот е ставен на првиот меч и тоа го барам и од кошаркарите“, додава Бајиќ.
Според коефициентите во Sport Life, Македонија е во улога на благ фаворит, а границата за победа со хендикеп е на 3,5 поени, што значи дека се очекува неизвесен меч.