Македонија ќе му аплаудира на капитенот – Пандев го игра последниот меч, нека биде со подвиг против Холандија

Македонија ќе му аплаудира на капитенот Горан Пандев, на својот најдобар фудбалски производ во 21 век на денешниот меч во Амстердам против Холандија, последен за популарниот Гранде.

По 121 настап, вечерва од 18 часот на „Јохан Кројф“ арената Пандев ќе ѝ каже збогум на репрезентацијата на дуел против светската фудбалска велесила.

„Веројатно и не можеше да биде подобро за простување од дресот со националните бои од дуел со фудбалски гигант каков што е Холандија. Горд сум бидејќи со овие момци го остваривме и својот и сонот на сите Македонци да играме на големо натпреварување. Нешто за што копнеевме долго време, а се надевам дека во иднина ќе има нови вакви настапи на Европските и Светските првенства“, вели Пандев.

Македонија веќе е елиминирана на ЕП, по двата порази од Австрија со 1:3 и со Украина со 1:2, но има мотиви за да одигра добар меч против Холандија и да се обиде да го освои истoрискиот бод, или бодови во првото учество на големите натпреварувања.

Дополнителен мотив е и збогувањето на Пандев, а ќе има и многу емоции и кај селекторот Игор Ангеловски, кој исто така е на прагот на заминување од селекторската позиција откако стана првиот кормилар што ја одведе Македонија на Европско првенство.

Холандија секако е прва и ќе остане лидер во Ц групата, без разлика на исходот на дуелот со Македонија. Мечот без посебно резултатско значење за изгледот на групата Ц и за настапот во осминафиналето ќе биде привлечен за нас и ќе се памети по збогувањето на Гранде Пандев.

Си заминува со рекордни 122 натпревари ако игра против Холандија, а најавено е дека ќе настапи. Пандев е рекордер и по бројот на голови во националниот дрес, досега постигна 38, на врвот е и со најмногу настапи за Македонија како капитен, вечерва по 69-ти пат ќе ги предводи соиграчите на терен со капитенската лента.

Убаво ќе биде да поздравиме една вистинска спортска легенда на Македонија и да посакаме последниот меч на Пандев во дресот со национални обележја да биде со подвиг против Холандија.

Можни состави:

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Адеми, Николов, Барди, Елмас, Пандев, Трајковски.

ХОЛАНДИЈА: Штекеленбург, Дамфрис, Де Вреј, Де Лихт, Блинд, Ван Анхолт, Гравенеберх, Вајналдум, Де Јонг, Мален, Депај.

 

 

- Оглас -

Најнови вести