Македонија минимално ја победи Грција во Солун

Ракометната репрезентација на Македонија ја победи Грција со 23-22 на вториот контролен натпревар во рамки на ЕХФ неделата. Домашните повторно ја имаа наклонетоста од судиите, но овојпат ниту тие не успеаја да им помогнат за да останат непоразени.

Нашите ракометари речиси во текот на целиот меч имаа резултатска контрола, а на полувремето заминавме со предност од 12-10. Во второто полувреме, нашиот јужен сосед успеа да резултатиски да се врати во игра, но во финишот од мечот ние ја вративме предност која ја имавме на полувремето. На три минути пред крајот Македонија имаше предност од 22-20, а потоа и од 23-21, што се покажа недостижно за домашните ракометари.

Мартин Серафимов со 5 погодоци беше најпрецизен во редовите на Македонија, додека Талески и Велковски постигнаа по три. На голот одличен беше Никола Митревски со девет одбрани.

Билансот на почетокот од подготовките за учеството на Европското првенство е позитивен, победа и реми против Грција, која како и ние, ќе учествува на континенталниот собир во Германија. Ракометарите сега се враќаат на клупските обврски, а финалниот дел од подготовките за Европското првенство ќе следува некаде пред Нова година, а тогаш повторно ќе спарингуваме против грците, но во Скопје.

Македонија на Европското првенство во Германија е во група со домаќинот, Франција и Швајцарија.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести