Македонската фудбалска репрезентација отпатува кон Велс, каде в вторник ќе го игра послдниот меч од квалификациите за пласман на Сп 2026 година. Македонија игра одлично во квалификациите и досега нема ниту еден пораз.
Ако остане непоразена на гости кај Велс, Македонија ќе го задржи второто место, а тоа значи и директен пласман во баражот за Мундијалот. Доколку загуби Македонија ќе биде трета во квалификациите, па во баражот ќе игра преку Лига на нации. Во двата случаи, со реми и со пораз на гостувањето во Велс, Македонија ќе мора да игра на гостински терен во првиот бараж дуел за СП 2026.
Сепак, постои опција во која Македонија може да дојде до ситуација да игра на домашен терен во баражот, но тоа да се случи мора да бидат исполнети неколку услови. За Македонија да дојде во ситуација да биде домаќин на првиот бараж меч, потребно е нашата репрезентација да стигне до победа на гостувањето во Велс.
Освен тоа, треба да бидат исполнети уште три други услови од други натпревари. Ќе треба Австрија на свој терен да не загуби од Босна и Херцеговина, Исланд да остане непоразен во дуелот против Украина и Англија на гостувањето во Тирана да ја победи Албанија.

Доколку бидат исполнети овие четири услови, Македонија ќе стигне до ситуација да се најде во вториот барабан, кој носи предност на домашен терен во баражот. Ако Македонија победи во првиот бараж, потоа ќе следи ждрепка која ќе одлучи за тоа кој ќе биде домаќин во вториот и последен бараж за пласман на СП 2026.

