Македонската ракометна репрезентација ја пропушти првата шанса за влез во главната фаза на Европското првенство откако вчера загуби од Чешка со 25:27. И покрај овој пораз, Македонија има шанси да биде втора во групата, а калкулациите се неколку.
Најдобро за Македонија ќе биде утре да ја победи селекцијата на Австрија со минимум два гола разлика. Во таков случај, Македонија ќе биде сигурен патник меѓу најдобрите 12 селекции. Интересно е што дури постои опција нашата репрезентација да дојде до посакуваното второ место и со нерешен резултат.
Доколку одиграме нерешено против Австрија, а Украина успее да ја изненади Чешка, тогаш Македонија ќе има три бода, а Чесите и Украинците ќе останат зад нас со по два бода, додека Австрија ќе биде првопласирана со 5 бодови. Сепак, не можеме многу да се надеваме на оваа калкулација затоа што Македонија против Австрија утре игра во 18:15 часот, додека дуелот Украина – Чешка ќе се игра во 20:30 часот.
Затоа најдобро е Македонија да собере сили и да ја победи Австрија барем со два гола разлика, а потоа релаксирано да се следи и последниот меч од оваа група во Виена.