7.8 C
Skopje
четврток, 12 февруари 2026

Македонија може да добие пеколна група со селекции кои ќе играат на СП 2026

Македонската фудбалска репрезентација вечерва ќе ги дознае противниците во новата сезона од Лигата на нациите. Ждрепката ќе биде во Брисел од 18 часот, а нашата репрезентација за првпат е дел од Б сегментот.

Пред шест години, Македонија во Лигата на нациите започна од Д сегментот, но напредуваше и се пласира во Ц сегментот, а откако имаше успешен последен настап, се избори и за место во Б сегментот.

Според распоредот, Македонија ќе биде во последниот четврти барабан од ждрепката за Б сегментот, и тоа заедно со репрезентациите на Шведска, Северна Ирска и Косово. Тоа значи дека овие земји не може да бидат наши противници.

Во првиот барабан се Шкотска, Унгарија, Полска и Израел. Во вториот барабан се селекциите на Швајцарија, Босна и Херцеговина, Австрија и Украина, додека во третиот барабан има место за Словенија, Грузија, Република Ирска и Романија.

Македонија ќе добие по еден ривал од сите три барабани. Од многуте комбинации кои може да се паднат, една од најтешките би била со ривали кои веќе се дел и од Светското првенство 2026.

Тоа значи Македонија од првиот барабан може да ја добие Шкотска, која веќе има мундијалска „виза“. Од вториот барабан на СП 2026 сигурно ќе бидат Швајцарија и Австрија, но со шанси се и Босна и Херцеговина и Украина, кои играат бараж.

Од третиот барабан нема ниедна сигурна учесничка на СП 2026, но Република Ирска и Романија се дел од баражите.

Едноставно, кои и да бидат трите противници, секако дека Македонија ќе биде пред голем предизвик да се обиде да остане во ова силно друштво каде што се националните селекции во Б сегментот.

Новиот македонски селектор Гоце Седлоски пред заминување во Брисел ги кажа своите очекувања пред ждрепката, а тоа може да го прочитате ТУКА.

 

- Оглас -

Најнови вести