Македонските фудбалски претставници во Европа ова лето веќе имаат пет победи на 10 натпревари, пред сè благодарение на Шкендија и Вардар, но и на Силекс.
Тетовските и скопските „црвено-црни“ веќе имаат по две победи, а еднаш триумфираше и Силекс, додека само Работнички ги заврши настапите со два порази.
Сепак, петте победи се далеку од рекордот од летото 2017 година, кога македонските екипи имаа 10 победи на европска сцена. Тогаш Вардар обезбеди пласман во групите од Лигата на Европа, но заедно со Шкендија имаа по четири победи, додека Романтичарите победија двапати.
Втората најдобра сезона е летото 2011 година, кога македонските екипи имаа шест победи, но дури пет од нив му припаѓаа на Работнички, додека една победа имаше Ренова.
Ист биланс како досегашниот од оваа сезона, односно по пет победи, сме имале и во летата 1999 и 2023 година.
Македонија оваа сезона останува со две активни екипи во фудбалска Европа, оние кои ги освоија трофеите од минатата сезона, Шкендија и Вардар, а според она што го прикажаа досега, лесно може да се случи да биде нападнат и рекордот од 2017 година.
Шкендија доколку успее да мине против ФЦСБ, во следното коло ќе игра против азербејџански Карабаг, додека ако биде елиминирана, ќе игра против косовската Дрита во Лигата на Европа.
Вардар со успех против Лозана, во следното коло ќе се сретне со подобриот од дуелот на Астана од Казахстан и Зимбру од Молдавија.