Фудбалската репрезентација на Македонија во третиот меч во Италија за првпат е поразена откако вечерва на „Олимпико“ во Рим, Аѕурите славеа со 5:2 во рамки на квалификациите за ЕП 2024.
Со поразот, Македонија остана на претпоследното четврто место на табелата во групата Ц со седум бода, додека Италија во последното коло во директен дуел со Украина ќе одлучи кој ќе биде вториот патник на ЕП.
Претходните два дуели на италијанско тло, Црвено-жолтите беа непоразени, во квафикациите за СП 2018 во Торио беше 1:1, а пред две години во Палермо беше остварена најважната победа на Македонија на гости, 1:0 во полуфиналето од баражот за пласман на СП 2022.
Италијанците желни за одмазда за поразот од Палермо, но и поради големиот влог, офанзивно тргнаа од првата минута и доминираа во првото полувреме. Одличната игра беше крунисана со три гола, а само благодарение на Столе Димитриевски кој му одбрани пенал на Жоргињо, предноста не беше поубедлива.
Резултатот го отвори Матео Дармијан во 16-та минута кој најдобро се снајде во шеснаесетникот на Димитриевски и без проблеми ја смести топката во мрежата.
Потоа, Димитриевски уште еднаш ја потврди одличната форма и во 38-та минута му одбрани пенал на Жоргињо, но тоа беше залудно бидејќи Аѕурите преку Федерико Киеза во финишот постигнаа два гола. Првиот гол, Киеза го постигна во 42-та минута, а вториот во последните моменти до првиот дел.
Во второто полувреме, избраниците на селекторот Благоја Милевски тргнаа далеку поофанзивно и веднаш успеаја да постигнат гол. Јани Атанасов во 52-та минута по одличниот центаршут на Алиоски, со глава го совлада Донарума.
Атанасов во 74-та минута го замолкна „Олимпико“ со одличниот шут од повеќе од 20-тина метри кој заврши во мрежата на Донарума.
Сепак, Аѕурите само седум минути подоцна ги решија дилемите околу победникот благодарение на голот на Распадори.
Во судиското продолжение, Стефан Ел Шарави го постави конечниот резултат.
Македонија квалификациите ќе ги заврши в понеделник на Националната арена „Тодор Проески“ во дуелот со Англија, додека Италија ја очекува дуел со Украина во Леверкузен.