Македонија немаше никакви шанси против светскиот првак Шпанија

Македонската кошаркарска репрезентација очекувано претрпе нов пораз во квалификациите за пласман на Светското првенство. На гостувањето кај Шпанија, нашите кошаркари загубија убедливо со 80:44 и останаа последни во групата со пет порази од исто толку дуели.

Очекуван беше поразот на теренот кај актуелниот светски првак, но останува фактот дека нападот на Црвено-жолтите беше очаен и постигнатите 44 поени. Само една четвртина Македонија даде отпор и тоа беше во првите 10 минути. Во еден момент Македонија водеше со 16:14, а по првата четвртина Шпанија водеше само со два разлика (19:17).

На почетокот на втората четвтина беше 24:21 за Шпанија, кога почна фуриозната игра на домаќините. Со серија од 19:0, актуелниот светски првак стигна до водство од 43:21. Во оваа четвртина Македонија даде само шест поени.

Ништо поинаква не беше ситуацијата и во третиот квартел. Македонија постигна само осум поени во овие 10 минути, а прими 17, па во пресрет на последната четвртина, Шпанија имаше двојно повеќе постигнати поени од Македонија (62:31). Последните 10 минути беа само формалност.

Андреј Јакимовски со 14 поени беше единствен кој имаше двоцифрен број на поени кај Македонија. Кристијан Николов и Бојан Крстевски имаа по 7 поени, а Теодор Симиќ постигна шест поени. Кај Шпанија најефикасен беше Себастијан Саиз со 19 поени.

- Оглас -

Најнови вести