Македонската ракометна репрезентација во „Борис Трајковски“ ја пречекува Словенија во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се игра следната година. Овие две селекции се фаворити за првите две места кои водат директно на континенталната завршница. Словенија има две победи од два меча, а Македонија е со победа и пораз од Литванија на гости.
Словенија во Скопје допатува со „преполовен“ состав, односно дури без 11-мина ракометари кои пред еден и пол месец беа дел од Светското првенство на кое го освоија 13-тото место. Македонија беше 15-та на планетарниот собир.
Ќе играме во „Борис Трајковски“, каде што Македонија има неверојатна поддршка од трибините. Сите билети се продадени, што само е најава за нова пеколна атмосфера, која дава дополнителен мотив за Македонија да победи.
„Имаме голем респект кон Словенија, таа е сериозна репрезентација која не пропушта големи првенства, редовен учесник и на Олимписките игри, има добар олимписки циклус. Тоа е тим со квалитетни играчи и според мене е во Топ 10 репрезентациите. Ќе биде двомеч во кој ќе ни се нуди убава шанса да се надигруваме со нив. На првиот меч пред полна сала имаме шанса не само да им отежнеме, зошто да не се надеваме и на позитивен резултат“, вели пикерот и еден од најискусните во македонската селекција, Жарко Пешевски.
Како што се доближува почетокот на мечот, во обложувалниците се намалува квотата за „кец“, за победа на Македонија, што значи дека сè поверојатно е дека ќе се радуваме вечерва во Борис Трајковски.