Македонија од вториот шешир ќе ја чека ждрепката за квалификациите за ракометното ЕП

Ракометна Македонија е во исчекување на баражот за пласман на Светското првенство 2027 против Словачка, а Европската ракометна федерација веќе ја закажа и ждрепката за квалификациите за пласман на Европското првенство 2028.

ЕХФ и официјално ги објави шеширите за ждрепката која ќе се одржи во четврток од 19 часот, а Македонија е во одлична позиција бидејќи се наоѓа во вториот шешир и ќе биде во група со два (условно) послаби противника.

Заедно со нас во вториот шешир се и селекциите на Австрија, Чешка, Фарски Острови, Италија, Холандија, Полска и Србија, што би значело дека против нив не може да се паднеме во иста група.

Од првиот шешир можни противници на Македонија се: Хрватска, Франција, Германија, Унгарија, Исланд, Норвешка, Словенија и Шведска.

Во третиот шешир се селекциите на: Белгија, Босна и Херцеговина, Грузија, Грција, Литванија, Црна Гора, Романија и Украина.

Можни противници на Македонија од најслабиот, четврти шешир се: Естонија, Финска, Израел, Косово, Летонија, Луксембург, Словачка и Турција.

Европското првенство во 2028 година ќе се игра во Португалија, Шпанија и Швајцарија, а освен овие три селекции, пласман има обезбедено и селекцијата на Данска, како освојувач на првенството во 2026 година.

Пласман на следниот континентален шампионат ќе обезбедат по две најдобри селекции од секоја група, како и најдобрите четири селекции (од шест групи) кои ќе завршат на третото место.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести