Фудбалската репрезентација на Македонија вчера загуби од Украина на Националната арена „Тодор Проески“, со 2:3 иако по првото полувреме имаше предност од два гола.
Со вчерашниот пораз, Македонија ја продолжи лошата серија во дуелите со Украинците и останува без победа на официјален натпревар.
Македонија и Украина досега одиграа шест меѓусебни натпревари и во првите два кои беа пријателски, Црвено-жолтите имаат позитивен резултат, додека сите четири официјални средби завршија со триумф на Украинците.
Првиот натпревар е одигран на 11 октомври 2003 година во Киев и заврши без голови. И вториот натпревар е пријателски и на него Македонија ја оствари единствената победа во дуелите со Украина. На 31 март во Скопје, Македонија со голот на Горан Ставревски славеше со 1:0.
Останатите четири меча ги доби Украина. На 12 октомври во Лвов, Украина со голот на Серхеј Сидорчук славеше со 1:0 во рамки на квалификациите за ЕП 2016.
Во 2015 година, Украина победи со 2:0 и тоа со головите на Јевхен Селезњов и на Артем Кравец во второто полувреме.
Во 2021 година, на 17 јуни во Букурешт, Украина и Македонија играа во рамки на групната фаза од Европското првенство. Украинците славеа со 2:1. Андриј Јармоленко и Роман Јаремчук ги постигнаа головите за Украина во првиот дел, додека во второто полувреме, Езџан Алиоски го постави конечниот резултат.
Вчера, на Националната Арена „Тодор Проески“, Украина дојде до четвртата победа над Македонија и тоа со голем пресврт.
Одличната игра во првото полувреме беше крунисана со головите на Енис Барди од пенал и на Елиф Елмас. Но, во вториот дел Украинците направија голем пресврт и со головите на Иља Забарњи, Јуким Коноплија и Виктор Циганков, дојдоа до голема победа.