Македонија пак ќе игра пред 50 илјади гледачи – Австријците подготвуваат спектакл на „Ернст Хапел“

Австрија подготвува спектакл за дуелот со Македонија на 16 ноември на стадионот „Ернст Хапел“ во Виена, а очекуваат полн капацитет и 50 илјади гледачи, со кои сакаат заедно да го прослават пласманот на Европското првенство.

Националната фудбалска арена во Виена има капацитет од 50.865 места.

На Австрија ѝ треба бод од двата последни квалификациски дуели, со нас на 16 ноември или со Летонија три дена подоцна, за да патува на ЕП, а домаќините очекуваат успех и супер атмосфера веќе на мечот со Македонија.

„Има уште 20 илјади билети во продажба, но очекуваме полн стадион. Против Македонија играме за печат на визата за Европското првенство и веројатно е дека ќе има 50 илјади гледачи“, пишуваат новинарите на „Спорт 24“.

Австрија досега на ниту еден меч немаше поддршка од 50 илјади гледачи во овие квалификации, најмногу беа малку повеќе од 40 илјади на дуелот со Полска, но сега е специјален момент за нив.

Македонските репрезентативци на претходното гостување во Варшава против Полска за првпат играа пред повеќе од 50 илјади публика, а на националната арена имаше точно 52.894 луѓе.

Сега е можно да се случи за еден месец двапати Пандев, Барди, Несторовски и останатите, кои имаат искуство и играле и пред поголем број публика со своите клубови, сега во дресот на македонската селекција, повторно да играат пред 50 илјади луѓе.

Мечот е закажан за 16 ноември, од 20.45 часот.

- Оглас -

Најнови вести