Македонската кошаркарска репрезентација вечерва од 19 часот во салата „Јане Сандански“ ќе го игра последниот меч од претквалификациите за пласман на Светското првенство. Нашите кошаркари се во пол-позиција и со каква било победа над Словачка ќе завршат како првопласирани во групата во која е уште и Швајцарија.
Дури и со пораз, но помал од 25 разлика, Македонија ќе биде најдобра во групата, но сепак не треба да се размислува на едно такво сценарио, посебно ако се знае дека нашите кошаркари само пред четири дена убедливо со 69:47 ја победија Словачка. Тоа го знае и натурализираниот Македонец, Џејкоб Вајли.
„Нема тука што посебно да се зборува. Треба да продолжиме со игрите од претходните два натпревари. Сите да го вложиме својот максимум од можностите и со една тимска работа да стигнеме до потцртаната цел. Да го завршиме овој турнир со уште една силна игра и на првото место“, вели Вајли.
Центарот на нашата селекција вели дека никако не смее да се потцени противникот, иако веќе го имаме победено убедливо. Словачка синоќа губеше со 22 разлика од Швајцарија, но во финишот стигна само на еден негатива. На крајот не успеа да направи чудо и загуби со 60:65.
„Во никој случај не треба да ги потцениме. Погледнете што се случи на вчерашниот меч со Швајцарија. Тие ги потценија во последниот период и за малку ќе беа казнети. Словаците се доста жилава, еластична екипа, постојано вртат една игра, не се откажуваат од тоа дури и кога губат. И ние ќе мора да играме заедно и добро во текот на сите 40 минути. Да немаме преголеми падови во играта како на некои од претходните натпревари. Мене не ме интересираат никакви математики. Гледам и очекувам само победа и ништо друго. Тоа е патот до успехот, рече Вајли во пресрет на последниот меч од турнирот во Скопје.