Женската ракометна репрезентација денеска во салата во Куманово ќе биде домаќин на Белгија во меч од квалификациите за пласман на следното Европско првенство. По досега одиграните три кола, Македонија е на последното место без ниту еден триумф.
Белгија пред три дена на свој терен славеше над нашата селекција со 26:25, па има една победа, додека на првите две места во групата се Германија со максимални шест бодови и Словенија со 4 бодови.
Македонија нема победа на официјален меч речиси две години. Последен пат се радуваа на 7 април на победа над Литванија со 34:24. Белгија важи за аутсајдер, но така беше и пред три дена, кога нашите репрезентативки во второто полувреме имаа четири гола предност, но на крајот загубија.

Сега ракометарките се убедени дека нема да ги повторат грешките од Белгија и најавуваат победа.
„Мислам дека ќе се покажеме во многу подобро светло. Треба да сме фокусирани од прва секунда за секој напад за секоја одбрана. Анализиравме што погрешивме и ќе ги поправиме тие работи. Митивација е на највисоко ниво посебно за мене што играм во Куманово. Се надевам дека салата ќе биде полна и сите ќе ни помогнат да славиме победа“, оптимистички најавува кумановката Јована Кипријановска.

