Кошаркарската репрезентација на Македонија се подготвува за настапот на претквалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игри кои следната година ќе се одржат во Париз.
Нашите кошаркари од 12-ти до 20-ти август ќе учествуваат на турнирот во Естонија, каде освен домаќинот и нашата репрезентација, ќе учествуваат и селекциите на Чешка и Израел. Најдобрите две екипи продолжуваат во полуфиналето кое ќе се игра во полскиот град Гливице.
Центарот на македонската кошаркарска репрезентација, Љубомир Младеновски, очекува дека можеме да бидеме рамноправни против сите екипи.
– “Што се однесува до квалитетот на натпреварувањето, со самите имиња кои што се на турнирот и против кои ќе се натпреваруваме, само по себе говори за тоа колку силен ќе биде тој турнир. На нас ни останува ништо друго освен да го дадеме својот максимум. Да видиме прво во кој состав ќе отидеме таму. Во однос на она мое последно учество во националниот тим, евидентно е дека е доста променет. И дека со овој квалитет со кој располагаме мислам дека можеме рамноправно да се бориме, и да се надеваме дека би поминале во следната фаза.“ – велиа Младеновски.
Подготовките во моментов се одвиваат во Скопје, а на почетокот на следниот месец нашите кошаркари ќе отпатуваат во Белград каде ќе одиграат два контролни натпревари против селекцијата на Полска.