Репрезентацијата на Белгија ја пропушти првата меч-топка и ќе почека до вторник за пласман на Светското првенство 2026. Најголемиот фаворит во нашата група одигра само 1-1 на гостувањето кај Казахстан и останува лидер со 15 бода, два повеќе од Македонија во пресрет на последното коло.
Казахстан дојде до водство уште во деветтата минута, откако Стпаев знаеше да ја искористи грешката на гостите и да погоди во мрежата на Селс.
Белгија израмни на 1-1 преку Ванакен во 48-мата минута, но не успеа да искористи уште некоја од многуте шанси за победа. Чешноков во 79-тата минута беше исклучен, а Белгијците и со играч повеќе не успеаја да дојдат до победата.
Тоа значи дека патникот на Светското првенство ќе се одлучува во вторник, во последното коло, кога Белгија на домашен терен го пречекува Лихтенштајн, а Македонија гостува кај Велс.

