Македонија сигурно напредува – Позиција број 62 за Рисовите на ранг-листата на ФИФА

Македонија напредуваше за три позиции на ранг-листата на ФИФА и сега е на 62-рото место во конкуренција на репрезентациите. Добрите игри и успеси ни донесоа напредок, но што е уште поважно, играме одлично пред настапот на Европското првенство во јуни и јули годинава.

Во Топ-5 нема промени и сè уште водечка репрезентација во светот е Белгија, пред Франција, Бразил, Англија и Португалија. Потоа следуваат Шпанија, па Италија со скок од три позиции, Аргентина, која падна за едно место, Уругвај и Данска во Топ-10.

Македонија има 1374,73 поени на 62-рата позиција, а постојано напредуваме во последно време на ранг-листата ФИФА.

Од нашите ривали на ЕП, најдоброрангирана е Холандија на 16-тото место, а Австрија и Украина се една до друга на 23-тата и 24-тата позиција.

Германија, која ја победивме во Дуизбург на 31 март со 2:1, е најдоброрангирана селекција од нашата група во квалификациите за Мундијалот во Катар и се наоѓа на 12-тото место.

Романија е 43-та, Исланд е на 52-рото место, а зад нас се Ерменија на 90-тата позиција и Лихтенштајн на 186-тото скалило на најновата ранг-листа на ФИФА.

 

- Оглас -

Најнови вести