Втор меч и втора победа на македонската ракометна репрезентација на „Жолтиот куп“ кој се игра во Швајцарија, а е како подготовка пред стартот на Европското првенство. По вчерашната победа над Бахреин, Македонија денеска беше подобра и од Украина и тоа со 31:26.
Украина подобро го отвори мечот и од стартот поведе со 5:2, а потоа во текот на целото прво полувреме константно ја одржуваше предноста, а по 30 минути, Македонија губеше со 17:13.

Почетокот на вториот дел значеше и многу подобра игра на Македонија. Нашите ракометари со серија од 5:1 стигнаа до првото водство од 19:18, а потоа продолжија во ист ритам. Во 52 минута, по голот на Пешевски, на семафорот стоеше 26:22 во корист на Македонија и беше јасно дека нашите ракометари ќе победат.
Ако се погледне резултатот само од второто полувреме, Македонија беше фуриозна и тие 30 минути ги доби со 18:9. Кузмановски со седум гола беше лидер на теренот, а по три погодоци постигнаа Серафимов, Пешевски и Велковски.
До крајот на турнирот, Македонија утре ќе игра против домаќинот Швајцарија и тоа ќе биде директен дуел за тоа која селекција ќе триумфира на овој подготвителен турнир.

