Македонската ракометна репрезентација со триумф стартуваше во контролните мечеви пред стартот на Светското првенство кое стартува за две недели. Нашите ракометари се на подготовки во Маврово, каде што попладнево одиграа контролен дуел против Црна Гора и на крајот победија со 38:33.
Двете селекции не беа комплетни, а Македонија речиси во текот на целиот меч имаше добра предност. По првите 10 минути беше 7:4 за Македонија, а до полувремето разликата беше двојно зголемена, па на пауза избраниците на Кирил Лазаров водеа со 19:13. Во овој дел предводник беше Манасков со шест гола, а по четири пати погодија Талески и Георгиевски. Томовски, кој застана на голот во првиот дел, имаше пет одбрани.
Во вториот дел Македонија со рутинска игра не дозволи во ниту еден момент да ја пропушти комотната предност и на крајот стигна до триумф од пет разлика. Манасков заврши со 10 гола, по пет погодоци постигнаа Георгиевски, Ѓоргиев и Талески, Серафимов даде три погодоци, а по два гола дадоа Стојковиќ, Јагуриниоски, Џонов, Кузманоски. По еден гол постигнаа Атанасијевиќ и Пешевски.