Кадетската репрезентација на Македонија го заврши Европското првенство од Дивизијата „Б“ на 16-тото место, откако во последниот меч беше поразена од репрезентацијата на Велика британија со 76-88.
Британците имаа доста подобар почеток, во кој всушност и ја направија онаа клучна предност. Во првите десет минути гостите стекнаа плус од 10 поени, 26:16, кој до полувремето го зголемија, и на одмор заминаа со повисоки 47:33.
Второто полувреме нашата кадетска селекција го одигра доста подобро, но тоа не беше доволно за некој посериозен резултатски пресврт. Ги добивме и двете четвртини, но со минимална позитива, 26:25 и 17:16, недоволно за нешто повеќе на простувањето со настапите на шампионатот во Скопје, кој го завршуваме на 16-тата позиција во крајниот поредок.
На овој натпревар, Шабани дојде до ефект од 23 поени и четири скока, двоен број на поени имаа уште Илиев, кој постигна 14 (имаше и шест скока), како и Беговски, кој имаше и дабл-дабл, изразен со по 11 поени и исто толкав број на скокови.