Македонија станува симбол на Лигата на нации

Репрезентацијата на Македонија станува вистински симбол на Лигата на нациите, натпреварување што почна лани, а сега е во завршницата на второто издание.

Заедно со уште пет селекции имаме шанса да напредуваме за два ранга повисоко во двете изданија ако задутре не загубиме од Ерменија во Никозија.

Ни треба реми за да го осигуриме првото место во втората група од Сегментот Ц на мечот на кој Ерменците ќе ни бидат домаќини на неутрален терен.

Задачата е тешка, во среда од 18 часот на стадионот „НЕО ГСП“  во Никозија ќе играме без главните адути, Пандев, Елмас, Алиоски, Адеми, Барди, Николов, Спировски, Димитриевски и Кире Ристевски што е половина стандарден состав, но имаме победничка серија што трае од ноември лани и ни треба само еден бод.

Покрај Македонија, шанса за прво место во фазата по групи по вторпат во две изданија имаат и Данците, кои лани почнаа од Сегментот Б, сега се во А и имаат шанса и да бидат шампиони. За тоа им треба најпрво победа против Белгија во Брисел задутре од 20.45 часот, па потоа и успех во полуфиналето и финалето во второто издание на ова натпреварување.

Норвешка, која почна во Сегментот Ц, е во идентична позиција како и Македонија, а се трка со Австрија за првото место во првата група од Сегментот Б и очекува промоција во највисок ранг на натпревари.

Исто е и со Шкотска, а Храбрите срца ќе мора да го победат Израел на гостински терен за да направат двоен скок во две години и во следното издание да играат во Сегментот А.

Белорусите одат по нашиот пат, заедно со нас се промовираа како учесници во Сегментот Ц, а и сега имаат шанса да бидат први ако не загубат од Албанија на гости во последниот меч од четвртата група.

Последна од секстетот селекции што може рапидно да напредува од Ц во Сегментот А, или два ранга за две сезони, е Финска. Летечките Финци ќе играат со Велс во директен дуел за првото место во четвртата група од Сегментот Б и ако победат во Кардиф, ќе слават нов скок во повисок ранг на натпревари, овојпат и во најсилниот дел од Лигата на нациите.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести