-3.2 C
Skopje
петок, 27 февруари 2026

Македонија треба да го искористи германското искуство на Кочов, тој верува дека може да помогне

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва во Скопје продолжува со настапите во претквалификациите за настап на Евробаскетот 2029 година, а противник ѝ е Луксембург. Нашата репрезентација од неодамна има нов селектор и стручен штаб. Шпанскиот стратег Жозеп Марија Берокал е нов предводник на Македонија, а негов прв помошник му е Ѓорѓи Кочов.

Кочов е добро познато и докажано кошаркарско име како во Македонија, така и надвор од нашите граници. Тој е тренерот кој во последните пет години работи во германскиот бундеслигаш Кемниц 99, а сега ја прифати поканата да работи со националната селекција на Македонија. Тој прифати да биде дел и од рубриката хуманитарен тикет, па се надева на двојно славење, а тоа е победа над Луксембург и погоден тикет.

Ова е вторпат Кочов да биде дел од стручниот штаб на Македонија, откако претходно оваа функција ја имаше и во периодот од 2019 до 2021 година.

НЕСЕБИЧНО ЌЕ ГО СПОДЕЛИ ЗНАЕЊЕТО КОЕ ГО СТЕКНУВА ВО ЗЕМЈАТА НА ЕВРОПСКИОТ И СВЕТСКИ ПРВАК

„Чувствував потреба дека треба да се вратам и да им помогнам на репрезентацијата и на кошаркарите. Тоа ми е прво и основно. Веќе неколку години работам и надвор од Македонија и со задоволство сум подготвен да го споделам тоа што го имам научено, посебно во последните неколку години работа во Германија“, вели Кочов, кој имаше речиси една и пол децениска играчка кариера во која освои седум шампионски титули и пет трофеи во Купот на Македонија.

Германската кошарка, посебно на репрезентативен план, има експанзија во последните неколку години, па Панцерите може да се пофалат дека се актуелни европски прваци од континенталниот турнир одигран минатата година, како и светски владетели од Мундијалот во 2023 година. Кочов потенцира дека клучно е Македонија да направи добра база во младинските категории.

ЗА ДА ЈА ВРАТИМЕ КОШАРКАТА НА ПОБЕДНИЧКИ ПАТЕКИ, МОРА ДА СЕ ПОЧНЕ СО СЕРИОЗНА РАБОТА ВО МЛАДИНСКИТЕ КАТЕГОРИИ

„Во Германија има сосема поинаков начин на работа од начинот тука во Македонија. Треба да имаме поголема едукација на тренерите, да се направи национална кошаркарска стратегија и единствен систем на сите репрезентации како да играат. Мора многу да се посвети внимание на селекциите до 16, 18 и 20 години. Во тие селекции треба да се создаваат новите репрезентативци и оние кои во иднина треба да ја предводат Македонија. Но, мора да се обезбедат и соодветни услови за работа во младите категории. Ние сме земја која дава големи таленти во кошарката, само мора да го следиме светскиот ритам според кој кошарката стана многу подинамична“, анализира Кочов, кој во Македонија ги има предводено екипите на Вардар и МЗТ Скопје Аеродром. Со аеродромци тој стана и првак на Македонија во 2019 година, а со германскиот бундеслигаш пред две сезони го освои ФИБА Еврокупот, додека во актуелната сезона се натпреваруваат во Еврокупот.

Што се однесува до актуелната ситуација во македонската репрезентација, Кочов е оптимист дека нашата репрезентација ќе го освои првото место во групата и без многу проблеми ќе се пласира во квалификациите за ЕП 2029. Вечерва против Луксембург ќе атакуваме на третата победа во третото коло, но не треба да се заборави дека и Луксембург има две победи од две средби. Во групата се уште и селекциите на Ирска и Азербејџан, кои имаат по два пораза.

„Мора да работиме кошарката да ја вратиме на старите победнички патеки. Верувам дека овие претквалификации ќе ги завршиме на првото место, а потоа ќе следува главниот предизвик во квалификациите за ЕП 2029. Секако, не треба да го потцениме Луксембург, до победа се стигнува само со ангажирана и борбена игра во текот на целиот меч“, поентираше Кочов, кој додаде дека нема многу време за да следи европски фудбал, но ќе се обиде да состави добитен хуманитарен тикет и да ги израдува оние на кои помошта им е најпотребна.

- Оглас -

Најнови вести