Македонија У21 славеше над врсниците од Ерменија и го избегна фенерот

Младата фудбалска репрезентација на Македонија победи со 3:1 против врсниците од Ерменија, во меч одигран во Скопје, а како дел од квалификациите за пласман на Европското првенство. За нашите фудбалски надежи ова беше само втора победа во овие квалификации и со девет бода од девет меча е на петото место во групата, без никакви шанси да се надева на место на континенталната завршница. Само Ерменија е послаба од нас во овие квалификации во кои за противници ги имавме и Фарски Острови, Србија, Украина и Франција.

Лошо започна дуелот за Македонија, откако Симонјан погоди за водство на гостите во 9 минута. Методи Максимов израмни во 22 минута со одличен удар од работ на шеснаесетникот, па на полувреме се замина со 1:1.

Дури во финишот на мечот нашите фудбалери целосно го скршија отпорот на гостите. Марио Илиевски погоди за 2:1 во 85 минута, а во последните секунди од мечот беше досуден пенал за Македонија, кој во погодок го реализираше Сефер Емини.

 

 

- Оглас -

Најнови вести